Make your own free website on Tripod.com

BACK

 

КОГА КОЗИТЕ ЗАЛУДНО БЕКААТ

 

Некој селанец си ја носел својата коза на пазар за продажба. На мостот во Велес, каде што минува железничката пруга кон Грција, во тој момент рампата била спуштена. Селанецот си фатил ред и чекал. Зад него застанал некој млад нестрплив моторџија. Зад овој, пак, се паркирала запрежна кола, зад која застанал автомобил... и така редицата станувала сe поголема. И сите чекале да помине меѓународниот воз.
По десетина минути, моторџијата го фатила сафра и почнал да турира. Овој нервозен акт го исплашил коњот зад него и животното рефлексно се дигнало на двете нозе и ја турнало својата кола наназад, кон автомобилот. Се разбира, коњот нема ретровизор и не знае да кочи - се случил судар. Сите се собрале да гледаат сеир. И селанецот го зачешало што се случува. Ја врзал козата за рампата и отишол да се информира (за да раскажува после на пазарот). Од гласната атмосфера, никој не видел дека возот бесшумно си поминал точно по својот возен ред. Рампата автоматски се кренала. Уште долго време додека траел калабалакот пред рампата, никој не забележал дека на неколку метри над земја козата очајнички бекала за помош. Очевидците тврдат дека на крајот сe добро се завршило. Козата денес најверојатно си има поодговорен стопан (ако досега не ја изел).